На падините на Осоговските Планини викендов ќе се вози ридско-брзинската автотрка „Пониква 2018“, во рамки на Државниот и Шампионатот во автомобилизам за Централна Европа.
Организатор на релито е АКК „Примо авј“ од Скопје во соработка со Здружението на возачи и компанијата „Руен инокс автомобили“ од Кочани, под покровителство на Општина Кочани.
За утре се закажани контролата на возилата и официјалниот тренинг, а натпреварот е в недела од 13 часот, по што ќе следува прогласувањето на победниците.
Автотрката во Кочани ќе се вози по десетгодишна пауза, а пријавени се четириесетина возачи од Македонија, Бугарија и Србија. За љубителите на автомобилизмот утре во Кочани ќе се одржи и изложба на олдтајмери на која ќе бидат претставени педесетина модели на популарната фолксваген буба од цела Европа.
Организатори на настанот се Александар и Влатко Јовановски од Кочани, кои по четврти пат приредуваат ваква презентација на возилата што со децении се статусен симбол на поголем број генерации млади.
Изложбата ќе почне во 12 часот на улицата „ВМРО“, на потегот од Крушарскиот мост до Шопинг-центарот.