Виница

Триесет и шест семејства од социјално-ранлива категорија во Виница, за помалку од една година, ќе можат да се вселат во првата социјална зграда во овој град, чија изградба е во тек. Како што најавија министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, и градоначалникот на Општина Виница, Ивица Димитров, истата таа би требало да биде ставена во функција и пред поставениот рок од 12 месеци.
– Социјалната зграда е еден од многуте проекти што ги реализира Владата, за да им помогнеме на 36 социјални семејства во Виница, а во моментот се градат 500 социјални станови во повеќе општини. Низ сите осум региони во државата реализираме проекти, во моментот разговаравме и за проширување на филтер-станицата во Виница, Владата помага, но и Општина Виница сакам јавно да ја пофалам, сработи голем број проекти – кажа министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, по извршениот увид на градежните активности во Виница.

Надлежните информираат дека Општина Виница реализира уште еден значаен капитален објект, кој е фокусиран на најранливите семејства, на кои им е потребен покрив над главата. Но периодов ќе се фокусира и на проекти за водоснабдување и реконструкција на водоводни мрежи и изградба на патишта.
– Се надевам дека во предвидениот рок, кој го најавува изведувачот, тие семејства за неполна година ќе можат да се вселат во своите нови домови. Оваа инвестиција на Владата тежи околу 68 милиони денари и е добредојдена за нас како општина, која одамна очекуваше реализација на еден ваков социјален проект, но ние со поддршка на Министерството за транспорт и врски, не застануваме овде. Веќе сме во преговори за проширување на филтер-станицата заради поврзување на селото Лески, чии жители континуирано имаат проблем со водоснабдувањето.

Ќе работиме на нова реконструкција на водоводната мрежа, а како што веќе најавивме се работи и на стариот пат за Делчево преку Калиманци – вели градоначалникот Ивица Димитров.
Директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, Кристијан Трајковски, најави дека веќе се водат преговори за започнување на уште 13 градилишта со социјални згради, од кои четири пак треба да бидат на истокот.