Советот на општина Прилеп денеска ја одржа редовната 51 седница, на која беа разгледани повеќе прашања од интерес на граѓаните. Советниците меѓу другото дебатираа за предлог-буџетот на Општина Прилеп за 2021 година, како и
одлуката за негово извршување.
Предлог-буџетот го образложи градоначалникот Илија Јованоски, кој истакна дека правната рамка од која се воделе при неговото изготвување, биле Законот за буџети и измените на Законот за финансирање на ЕЛС.
– Вкупните приходи во Предлог-буџетот на Општина Прилеп за 2021 година изнесуваат 1.410.981.000 денари, кои во споредба со буџетот за 2020 година, бележат пад од 8,21 отсто. Во приходите, најголемо учество имаат дотациите чиј вкупен износ е 747,6 милиони денари, потоа даночните приходи со 228 милиони, капиталните приходи со 169,5 милиони, неданочните приходи кои изнесуваат 84,7 милиони, трансферите со 122 милиони, приходите од донации во висина од 28,2 и пренесените вишоци со 30,6 милиони денари. Приходите на основниот буџет се проектирани на 547,6 милиони денари и во однос на минатогодишниот бележат намалување за 13 отсто – посочи градоначалникот Јованоски.
Вкупните расходи на буџетот за 2021 година се проектирани на 1.410.981.000 денари, при што за финансирање на основното и средното образование се планирани 679 милиони денари, за социјална заштита на деца и стари 137 милиони, за Градската библиотека 11,4 милиони, а за противпожарна заштита 26,2 милиони денари.
– Билансот на расходи на основниот буџет е проектиран во висина од 544,6 милиони денари. Со учество на капиталните расходи во износ од 255,4 милиони денари, или 46,6 отсто, буџетот за 2021 година има исклучиво развоен карактер – додава градоначалникот Јованоски.
Општината пари ќе намени за изградба и реконструкција на улици и локални патишта, тротоари и пешачки патеки, зимско одржување и заштита, како и одржување на хоризонтална и вертикална сигнализација на патиштата, за изградба на затворениот базен, за реконструкција на Старата чаршија, за изградба и одржување на паркови и зелени површини и друго.
Покрај тоа, пари ќе има и за за поддршка на спортот и физичката култура, како и за поддршка за финансиска стабилност на јавните комунални претпријатија. Ка.М.