Во црковниот храм„ Свети Петар и Павле“ во Кичево денеска се оддржа традиционалниот избор на најубаво украсено велигденско јајце,најубава торта,најубава погача,најубав цртеж, а се одржа и натпревар за најјако велигденско јајце, во кој учествуваа деца до 15 годишна возраст.
Во силна конкуренција за најубаво украсено велигденско јајце беше прогласено јајцето под шифра„Мајка“ чиј автор беше Ангелина Милановска-Запатоска. Второто место го освои јајцето под шифра „Петар“, а на трето место се најде јајцето со шифра „Исус Назарет“.
-Ова ми е второ учество на натпреварот за најубаво украсено велигденско јајце и на мое задоволство комисијата одлучи, токму моето јајце да биде прогласено за најубаво. Лајт мотивот на моето јајце беше мајка, бидејќи во текот на летото и јас за првпат станав мајка и на овој начин ги пренесов сите убавини што ми се случија со новородениот син – рече победничката за најубаво украсено јајце Ангелина Милановска-Запатоска.
Во конкуренција на торти првото место го освои тортата под шифра „Велигден“. Второто место за слаткиот колач под шифра „Чесен крст“, а на трето место се најде колачот под шифра „Велигденски јајца“.
Во категорија на погачи првото место му припадна за солениот колач под шифра „Викторија“,второто место за колачот „Исусов Венец“, а трето место за колачот под шифра „Велигден“.
Во категорија на најуспешни цртежи првото место му припадна на цртежот под шифра „Елеонора“, второто место за цртежот „Светлана“, а третото место за цртежот „Воскресение“.
Во силна конкуренција во категоријата за најјако велигденско јајце победи седмоодделенецот од ОУ„ К.Ј.Питу“ Кичево, Христијан Крстески.
На крајот сите изработки кои беа во конкуренција беа продадени, а средствата собрани од оваа лицитација ќе бидат наменети за изградба на црковниот храм Свети Кирил и Методиj.
-Секоја година средствата собрани од продажбата на овие изработки се уплатуваат на сметка на новиот црковен храм„ Св. Кирил и Методиј “, кој наскоро треба да почне да се гради во нашиот град – рече Валентина Вељаноска.
З.А.