Болницата има на располагање 40 лекари и седум специјализанти / Фото: Зоран Антоски

Кичево

И покрај задоволството што во Кичево и во регионот сѐ уште нема регистрирано ниту еден случај на заразен од ковид-19, вработените во кичевската општа болница сепак се целосно мобилни и подготвени и за промена на оваа состојба. Покрај вработените во болницата, и повеќе компании и приватни лица на дело ја покажаа хуманоста, со донирање помагала што се неопходни за заштита на персоналот, во овие услови кога секој поединец го демне опасноста од невидливиот непријател.

– Покрај фактот што до денеска Кичево е еден од малобројните поголеми градови во кои сѐ уште не е регистриран ниту еден случај на заразен од коронавирусот, целосно сме мобилни за секој нареден ден, бидејќи состојбите може да се променат за час. До овој момент во нашиот регион се тестирани повеќе од 40 граѓани, а целна група беа жители што имаат блиски во Италија и во соседните европски земји. За среќа, кај сите досега тестирани наодот е негативен.Овој тренд на тестирање ќе продолжи и понатаму и ќе бидат тестирани сите што барем малку чувствуваат одредени симптоми. За да избегнеме мешање на евентуално заразените со другите пациенти, во кругот на болницата е поставен шатор каде што се врши тријажа на сомнителните случаи. Исто така надвор од болничкиот круг имаме подготвено контејнер со кревети за прифаќање пациенти за самоизолација – вели Станко Трпески, директор на Општата болница – Кичево.

Тој им е крајно благодарен на сите хумани компании и поединци што на вработените им подарија помагала за заштита од опасниот вирус, како ракавици, маски, гелови и скафандери.
– Сите сме свесни за тежината на моментот, а тоа го потврдија и хуманите граѓани и правните лица, кои во рамките на своите можности донираа средства за заштита, хигиена и друго. За да бидеме и што подобро екипирани, од специјализација вративме седум специјализанти, од кои петмина се при самиот крај на студиите, а помеѓу нив е и еден инфектолог, кој ни е неопходен во оваа пандемија предизвикана од коронавирусот.

Или во овој момент во нашата болница ни стојат на располагање 40 лекари, кои заедно со сестринскиот персонал се подготвени да ги лекуваат евентуално заразените од ковид-19. Мора да ја истакнам и добрата соработка со матичните лекари, кои треба да ги детектираат пациентите носители на коронавирусот, за да можеме потоа да ги прифатиме и да го почнеме нивното лекување или, пак, да ги упатиме до битолската болница, каде што на натамошен третман ќе се упатуваат потешките случаи – додаде директорот Трпески.

Инаку, кризниот штаб на Општина Кичево со редовните состаноци ги координира активностите и плановите за наредните денови и седмици, за кога никој не може да предвиди како ќе се одвиваат работите.