Кочани
Осумдесет садници од видот туја се засадени на парцелите во Трговскиот центар во Кочани, а озеленетиот простор сега доби поубав и нов лик. Реконструкцијата на објектот е на самиот крај. Во завршните активности за наредниов период претстојат вградување на подните ЛЕД-светилки и рефлектори и поставување на комуналната и на урбаната опрема. Со реконструкцијата на плочникот во Трговскиот центар е опфатена површина од 2.800 квадратни метри. На местото на отстранетите бетонски се поставија гранитни, нелизгави плочки.
Трговскиот центар, како една од најпрометните пешачки зони во Кочани, доби поголема слобода во просторот и нов урбан амбиент.
– Новата зелена маса е донација од ротари-клубот „Кочани – Виница“, со која го поздравуваме гестот на градоначалникот за реконструкцијата на Трговскиот центар и благодариме за соработката што ја имаме со Општината за што повеќе дрвја во нашата околина. Нашата првична идеја беше оваа акција за озеленување на Трговскиот центар да ја реализираме заедно со сите ротаријанци од Кочани и од Виница, но поради актуелната состојба со коронавирусот, ги почитуваме мерките за заштита – изјави Венко Лазаров, претседател на ротари-клубот „Кочани – Виница“.