БИТОЛА

Здравствениот дом во Битола „Д-р Хаим Абраванел“ е целосно реновиран. По речиси изминати 70 години, во здравствениот дом целосно се реновирани внатрешните простории, ходниците, работните простории во делот на педијатриската служба, вакциналните пунктови, превентивната служба, превентивната стоматологија, делот каде што се чуваат вакцините за оние вакцини од редовните календари.
Речиси нема оддел во Домот што не е реновиран или не е опремен со најнова медицинска опрема. Ова е на некој начин континуитет на процесот за реновирање што во здравствениот дом почна да се реализира пред две-три години, кога беше целосно реновирана службата за итна медицинска помош. Наскоро здравствениот дом во Битола ќе добие и нов покрив на зградата, ново амбулантно возило, донација од ЕУ, а во план е и целосна реконструкција на лабораторијата.
Своето воодушевување од сѐ што е направено во здравствениот дом деновиве не го криеше ни министерот за здравство Венко Филипче, при посетата на Битола.

Овој здравствен дом опфаќа голем дел пациенти на кои им дава здравствена услуга. Битола и здравствениот дом во периодот што следува по помошта што треба да стигне од Делегацијата на ЕУ кај нас ќе добие и ново амбулантно возило. Сакам да им честитам на директорката и на целокупниот здравствен персонал, кои изминатиот период покажаа дека можат да се справат со менаџирање на ковид-кризата. Некои од вработените во здравствениот дом се дел од здравствените работници кои што го менаџираат целокупниот процес на вакцинирање и во салата, пунктот за масовна вакцинација, така што тие ги заслужуваат сите пофалби – истакна Филипче
Директорката на здравствениот дом во Битола, Весна Спирковска, рече дека во наредниот период домот ќе го реализира и последниот зафат со реконструкција на просториите каде што е сместена лабораторијата, со што конечно ќе се заокружат сите активности за комплетна реконструкција на домот.

Имаме можност да покажеме што направивме во овие нецели четири години. Му ја променивме душата на здравствениот дом, остана само надворешноста, додека сите служби се реновираа. Сега ги промовираме трите служби каде што реновирањето е завршено.Претходно беше реновирана Службата за итна помош, а во наредниот период останува уште лабораторијата. Со тоа, сите простории ќе бидат реновирани – истакнува директорката на здравствениот дом, Весна Спирковска.