Крива Паланка
Здравствениот дом во Крива Паланка доби донација од пет апарати за кислородна терапија, т.н. кислородни концентратори, на кои истовремено може да бидат приклучени и по дваjцa пациенти. Апаратите се наменети за одделот на прием и негување заболени од ковид-19. Во согласност со насоките на Министерството за здравство, во Здравствениот дом од Крива Паланка е опремен еден ваков оддел, а за таа намена комплетно се уредени и опремени медицински простории, како за потенцијални пациенти така и за медицинскиот и помошниот персонал. На вкупна површина од 300 квадратни метри се поставени 15 легла во одделот.
– Во овие моменти на глобална здравствена криза сите активно се вклучивме и заеднички правиме напори за подобра пристапност и третман за потенцијалните пациенти, а во насока на задоволување на потребите за подобра превенција и здравје на локалната заедница – вели д-р Бранко Стаменковски, директор на Здравствениот дом.
Од општината информираат дека Здравствениот дом располага со искусни специјализирани медицински лица, кои секогаш се подготвени да им дадат врвна медицинска услуга на сите пациенти. Исто така ставени се на располагање и допoлнителни соодветно опремени медицински простории, како и 30 дополнителни легла. Петте апарати за кислородна терапија се донација од страна на општествено одговорни локални бизнисмени за овој оддел.
– Градоначалникот Борјанчо Мицевски, во заедничка координација со претставници од Црвениот крст, го посети и семејството на нашиот заболен сограѓанин и наедно му врачи хуманитарен пакет со средства за хигиена, основни домашни намирници и храна на ова семејство. Во оваа пригода тој ја изрази подготвеноста за помош и редовна поддршка од страна на локалната самоуправа и сите граѓани, во насока на што полесно справување со здравствените последици и спречување на ширењето на вирусот – велат од Општина Крива Паланка.
Надлежните упатуваат апел до сите граѓани да се придржуваат до мерките и препораките од Министерството за здравство и од сите надлежни институции.