Фото: Маја Јаневска-Илиева

ШТИП

Општинарите во Штип добија готови проекти за изработка на секундарна гасификациска мрежа. В.д градоначалникот Јане Миланов и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски информираа за процесот на гасификација.
– Станува збор за три проекти, основен, идеен и инфраструктурен проект, и со ова сме чекор поблиску до остварување на онаа желба на граѓаните на Штип за гасификација на градот. Тоа е наше ветување што практично го реализираме – истакна Миланов.
Во општината информираат дека граѓаните ќе имаат голема бенефиција од гасифицирањето на градот, а овој проект ќе се реализира во соработка со Министерство за транспорт и врски. Изработката на овие три проекти чинеше околу 2,6 милиони денари.
Министерот Бочварски истакна дека оваа информација е многу важна за Владата и за Општина Штип.
– Ќе имаме концесионер што ќе влезе и ќе ја гасифицира целата држава, односно сите градови. Така што таа постапка паралелно е во тек преку Министерството за економија и очекувањата се дека во првиот квартал од 2021-та ќе имаме информација кој ќе биде приватниот партнер преку процесот на јавно-приватно партнерство. Драго ми е што Општина Штип е подготвена општина – истакна Бочварски.