БИТОЛА

Во дворот на Клиничката болница во Битола, во непосредната близина на инфективното одделение, деновиве почна уредувањето на просторот за изградба на модуларен ковид-центар. Од Општина Битола има 925 активни случаи, а од почетокот на епидемијата од ковид-19 вкупно заболеа 2.075 граѓани. Ковид-центарот се поставува за да се прошират здравствените капацитети на инфективното одделение и Клиничката болница, во договор со Министерството за здравство и Клиничката болница.
– Општина Битола максимално е вклучена во реализацијата на проектот за поставување модуларен ковид-центар во дворот на Клиничката болница во Битола. По изготвувањето на планската документација од страна на општинските служби, се вклучи и во расчистување на теренот со учество на механизација на јавните претпријатија и е целосно подготвена за изведба на рамнење на теренот – велат од локалната самоуправа.
Ковид-центарот се состои од три модуларни градби, од кои двете градби содржат интегриран тријажен центар со стационар и една модуларна градба со независен тријажен центар. Овие модуларни градби се монтажно-демонтажни градби со едно ниво (приземје), со приближна површина околу 1.000 квадратни метри, се поставуваат на бетонска подлога, во рамките на дворното место на јавните здравствени установи и приближен капацитет на стационар од 90 кревети.

– Бројот на заболени расте, состојбите се исклучително тешки и ова е единствениот начин со кој би можеле да излеземе максимално во пресрет за навистина да обезбедиме подобри услови за пациентите. Она што е важно, е тоа што со изградбата на модуларниот ковид-центар ќе имаме не само сместувачки капацитети туку и целосна опрема со овие модуларни болници, кои во голема мера значат за здравствените работници. Јасно ни е на сите дека ова треба да биде изведено во максимално брзо време, затоа што состојбите тоа го налагаат. Ценам дека искористувањето на преостанатите капацитети од болницата не е вистинското решение. Вистинското решение се токму вакви модуларни болници, бидејќи знаеме дека како општина покриваме еден голем регион со Клиничката болница, со која апсолутно не треба да застанат и другите активности. Апелирам да имаме многу поголемо разбирање за здравствените работници, за она со што тие се соочуваат, поголема трпеливост кон нив, бидејќи тие дефинитивно го вложуваат својот максимум – вели градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, која очекува активностите за изградба на модуларниот ковид-центар да бидат завршени за три недели.

Во врска со изградбата на модуларниот ковид-центар директорката на Клиничката болница, Билјана Гагачевска, вели дека со изградбата на модуларниот ковид-центар ќе се добијат најсовремени услови за третман со сѐ што е потребно, вклучувајќи и рендген и ехо-апарати, а здравствениот персонал ќе може уште подобро да ја извршува својата работа. Гагачевска нагласува дека модуларните ковид-центри ќе бидат изградени во рамна линија, што е значително олеснување во споредба со сегашното функционирање во зградата на инфективното одделение, која е на три ката.