Маркови кули ќе бидат дел од проектот „Подобрување на управувањето со заштитени подрачја“ што ќе го спроведува УНДП во соработка со Министерството за заштита на животна средина. Европската унија, освен овој проект ќе финансира уште
16 проекти во Македонија со вкупно четири милиони евра. Програмата денес во Прилеп ја промовираа амбасадорот на Европската унија Самуел Жбогар,
Претставникот на УНДП Лујза Винтон и прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, пред Марковите кули кај најистакната камена фигура, дело и уметност на природата – „Слонот“. Градоначалникот Илија Јованоски посочи дека проектот опфаќа повеќе аспекти и е финансиран со 100.000 евра.
– Комплексот „Маркови кули“ според геоморфолошката разновидност на карпите е дело на природата, заштитено со закон. Фасцинантни се Марковите кули, а денес во комплексот се одвива рекреативен туризам, се организираат повеќе спортски и туристички активности: трки, болдеринг, параглајдерство. Но комплексот е изложен на неконтролирана експлоатација и деградација, преку штетни практики, вклучувајќи депонирање отпад, изградба на нелегални објекти. Со проектот ќе се воведе систем на мониторинг, инфраструктурни зафати, подобрување на пристапноста за посетителите и туристите и нивно информирање за значењето на комплексот. Ќе се воспостави соработка со Институтот за старословенска култура и други претпријатија ќе се подготват бази на податоци за комплексот, видео-мониторинг систем, собирање на отпадот, поставување на патокази, информативни табли, патеки, брошури, видиковци, се што ќе ги подобрат пристапот и свеста на посетителите и локалното население – рече Јованоски.
Според амбасдорот Самуел Жбогар многу е битно зачувувањето на балансот на планетата, за зачувување на природните реткости. Програмата ќе ја спроведува УНДП во соработка со македонското министерство за животна средина. За Лујза Винтон, претставник на УНДП, Марковите кули е вистинската локација да се промовира програмата.
– Секој од 17 грантови е од 50. 000 до 100.000 евра финансиран. Најавувам дека ќе бидат доделени и осум поголеми грантови за властите кои ќе менаџираат со други поголеми подрачја. Секој грант е во висина од 400.000 евра и се наменети за националните паркови: Галичица, Пелистер, Маврово, за трите езера – Охридското, Преспанското, Дојранското Езеро, за паркот „Јасен“ и кањонот „Матка“. Секој грант е врз истата филозофија: има многу заштитени локации во земјата, дури 86 насто, но проблемот е дека тие локации се заштитени само во теоријата, а не и во практиката – рече Витон.
Марковите кули како комплекс на природните реткости се простира на неколку хектари и се под привремената заштита на УНЕСКО.
Ка.М.