Битола

Речиси по една година од почетокот на реконструктивните зафати, Битола доби затвор по европски стандарди. Казнената установа во Црн Мост стана современ затвор. За неговото реновирање се потрошени околу еден милион евра од европските фондови и од државниот буџет, од кои над 700 илјади евра се европски пари. Кога пред речиси една година, пред почетокот на градежните работи, го посетивме затворот во Битола, за да направиме репортажа за „Нова Македонија“, буквално, бевме вџашени од сликата што ja видовме. Гледајќи го нашето изненадување, првиот човек нa затворот, управникот Драган Крајовски ни рече дека во такви услови, какви што беа во затворот пред реновирањето, а особено во притворското одделение, не би издржал ни пес. Од пред неколку дена сликата во битолскиот затвор е сосема поинаква. Затворот во Битола доби сосема нов лик, со извонредни услови за престој на затворениците и притворениците, но и за вработените во затворот.

– Денеска имаме можност да го видиме реконструираниот затвор во Битола, што чинеше околу еден милион евра. Пред почетокот на реконструкцијата имав информација дека условите во затворот биле катастрофални, дури би рекол нехумани и загрижувачки. Затворениците мора да бидат третирани според одредени стандарди, треба да им се овозможат активнoсти што ќе ги ресоцијализираат во општествотo. Во овој затвор работите се во финална фаза и наскоро, по добивањето на употребната дозвола од Министерството за транспорт и врски, затворениците ќе можат да се вратат овде. Сега, кога затворот е целосно реновиран, многу е важно овој објект да се одржува за да остане таков каков што е – истакна Фрек Јанмат, шеф на одделот за економска работа при Делегацијата на ЕУ.

Со реконструкцијата, покрај зградата, сосема нов изглед добија заедничките простории, библиотеката, трпезаријата и кујната, која е направена по ХАСАП-систем, а изградена е и современа вежбалница, во која затворениците ќе можат да се рекреираат.
Во една соба ќе има најмногу до шестмина затвореници, а тие ќе имаат просторија за разонода и гледање телевизија, но и нови санитарни јазли за одржување на хигиената.
Во затворот, покрај тоа што сите простории ќе имаат природна светлина, инсталиран е и нов систем за греење и за ладење, како и комплетно нов автоматизиран систем за надзор. Нов лик доби и административната зграда.

– Со реконструкцијата на затворот во Битола се овозможи подобрување на условите за притворените и затворените лица, со имплементирање на сите меѓународни стандарди во работата на затворската управа. Притворскиот дел од овој затвор беше со деградирачки и нечовечки услови, но по реновирањето доби целосно нов изглед. Градежните активности се квалитетно извршени, со што затворот претставува една современа казненоно-поправна установа, во која, освен што се исполнети безбедносните услови, опфатени се и сите компоненти за почитување на правата на осудените лица и спроведување на процесот за успешна ресоцијализација – изјави Јовица Стојановиќ, директор на Управата за извршување санкции.

За да им се обезбедат што подобри услови за престој на затворениците во битолскиот затвор, намалени се сместувачките капацитети, така што сега затворот ќе може да прими најмногу до 83 осудени и притворени лица.
Сега, кога затворот кај Црн Мост во Битола е целосно реконструиран, во наредните денови, по добивањето на дозволата, се очекува да ги прими затворениците што поради реновирањето на објектот своите затворски казни ги издржуваа во другите затвори во државата.