Со полагање на цвеќиња на спомен обележјето во касарната „Мирче Ацев“ вечерва започнаа активностите за одбележување на 19 години од масакрот кај Карпалак. во кој на 8 Август, 2001 година во заседа животите во одбрана на татковината ги дадоа десетмина прилепски бранители – Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Горан Миноски, Веби Рушитоски, Дарко Велјаноски, Марко Деспотоски и Пецо Секулоски. Почит во кругот на Касарната им оддадоа претставници од АРМ, од општина Прилеп, од семејствата на загинатите, од Здружението Карпалак, како и претставници на политички партии.
При тоа потполковникот Ѓорѓи Василевски, командант на гарнизонот „Мирче Ацев“ посочи дека загинатите од Карпалак се преселија во вечноста.
-Овие луѓе застанаа на браникот на татковината. Се впишаа во бесмртните. Ќе останат да сведочат и низ годините кои што доаѓаат. Ќе сведочат и убедуваат дека слободата е многу скапа та затоа и се брани секој ден и постојано. А, ние , вашите браќа по оружје ќе продолжиме да го гарантираме мирот и безбедноста на секој македонски граѓанин – рече потполковникот Василевски.
Дел од преживеаните велат дека непроболот не минува и по 19 години. Истакнуваат дека и ден денес нема објаснување што тоа им се случи. Цвеќиња беа положени и на спомен обележјето во црквата Св. Петка во Лениште.
Честувањата по повод 19 години од масакрот кај Карпалак продолжуваат утре, сабота, утрото на местото на настанот и на пладне во центарот на Прилеп.
Ка.М.