Благодарение на проектот финансиран од ИПА фондовите ЈП Водовод Куманово во наредниот период ќе изврши замена на старите водомери со нови електронски со што во голема мера ќе се намали загубата на водата во градот која во моментот се движи некаде околу 54 проценти.

Во првата фаза од замената јавното претпријатие ќе замени 10.000 водомери за колку што во моментот и има добиено финансиски средства и тоа најпрвин кај правните субјекти и кај колективните згради, но и на оние места кај што водоводната мрежа е многу стара. Одобрените средства за првата во висина од 1,65 милиони евра освен замената на водомерите со нив ке биде опфатена и обуката на вработените, набавка на иструменти и опрема за следење на подземните дефекти како и софтвер за зонирање на водоводниот систем во општина Куманово.

– Од овој проект подеднакво ќе имаат бенефит како граѓаните на Куманово така и јавното претпријатие Водовод, бидејки ќе се подобри услугата на потрошувачите на водата, но секако и ќе се намали загубата на водата од сегашните 54% која се очекува да се намали за дури за 25%. Освен тоа читањето на водата со новата опрема ќе се врши однадвор со што ќе се прекине долгата непопуларна традиција со која што при читањето на состојбата на потрошената вода перманентно се нарушуваше комодитетот на потрошувачите од страна на нашите инкасатори. Новите водомери се многу попрецизни од досегашните кои се застарени и не го регистрираат во целост протокот на водата, а во првата фаза од проектот ќе бидат опфатени правните субјекти и колективните згради кои што редовно си ги подмируваат сметките за потрошената вода – изјави на промоцијата директорот на ЈП Водовод, Горан Стојковски.

Т.Д.