Премиерот Зоран Заев во центарот на Кичево синоќа оствари средба со членовите и симпатизерите од овој град. Тој на градскиот плоштад имаше интерактивна дебата во која ги изнесе сите премрежија кои во изминатиот период ги преживеа Македонија, за денес да биде пред вратите на НАТО и ЕУ.
– Ова е прв ден после моето обраќање во Европскиот парламент, морам да ја споделам гордоста и радоста што ја носам во градите, кога и беше дадена голема чест на Република Македонија, премиерот на оваа мала земја да може да се обрати пред Европскиот парламент на својот мајчин јазик и при моето обраќање во повеќе наврати да бидам прекинуван со аплаузи а првите аплаузи ми ги упатија претставниците на Грција а потоа аплаудираше и целиот парламент – рече Заев.
Потоа премиерот се наврати на реформите и промените што се направени и што претстојат во нашата земја за да го фати земјата чекорот со Европа.
– Почитуване граѓани сите знаеме дека покрај реформите што се отворија треба да создаваме едно општество за сите и отварање на нашите стратешки цели и придвижување кон дефинитивно постигнатите договори со Грција и со Бугарија. Дваесет и седум години политичарите се обидуваа, правеа секакви напори да ги постигнат договорите пред се со Грција, сите знаевме колку беше непријатно чувството, колку беше фрустрирачки кога претседателот на САД рече членство во НАТО ќе добијат Албанија, Хрватска и Македонија и за жал донесоа дефинитивна одлука во НАТО да влезат само Албанија и Хрватска а не и Македонија – истакна Заев, додавајќи дека земјите кои претходно беа најмногу против нашиот влез во НАТО, овој пат се наши најголеми поддржувачи.
Покрај премиерот Заев, на дебатата во Кичево до насобраните се обратија и активистката Мерсиха Смаиловиќ и д-р Станко Трпески од Кичево. З.А.