ВЕЛЕС
Од ден на ден бројот на заболени од ковид-19 во општината Велес драстично се зголемува. Досега се дијагностицирани 367 граѓани заразени со коронавирус. Од нив, 259 се активни случаи, а најголем дел од нив е на домашно лекување.
Состојбата со пандемијата во општината Велес, градоначалникот Аце Коцевски ја оцени како крајно алармантна.
– Моментално во инфективното одделение во Општата болница во Велес се лекуваат 47 сограѓани. Од нив, 37 се позитивни на коронавирус, а преостанатите 10 се непотврдени, но со симптоми на ковид-19. Дури 14 од пациентите се на кислородна поддршка. Тројца велешани се лекуваат во приватни клиники, а позитивни на корона се и две родилки, сместени во Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје – рече Коцевски.
Тој кажа дека нема потреба од паника. Здравствените работници прават сè да ја следат состојбата.
– Сакам да порачам, и покрај сè поголемиот број на новозаразени, граѓаните да не паничат. Здравствените работници се подготвени да одговорат на сите заболени граѓани што ќе побараат помош. Тие ќе бидат уредно примени и соодветно третирани во здравствената институција. Ако се исполнат капацитетите во инфективното одделение на болницата, тогаш пациентите ќе се примаат или во физикалното одделение, кое е подготвено како ковид-центар, или, пак, ќе се користат капацитетите на болницата во Јасеново – додаде градоначалникот.