БИТОЛА

Со поставувањето асфалт деновиве заврши реконструкцијата на првата делница од улицата Илинденска. Во првата фаза се реконструирани и асфалтирани 200 метри од оваа улица, која е една од најфреквентните во Битола.
Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, изврши увид во теренските активности, а од страна на изведувачите и надлежните лица од општината за овој проект беше информирана дека асфалтирањето ќе биде изведувано по делници, онака како што се комплетираат сите активности.
Целосната реконструкција на улицата Илинденска во Битола, која се протега во должина од 2.131 метар, е инвестиција во вредност од околу еден милион евра, од кои 530.000 евра се средства на Општината, додека средствата за реконструкцијата на мешаната канализациска мрежа, во износ од 415.000 евра, се издвоени од буџетот на Министерството за транспорт и врски.

Во реконструкцијата на улицата Илинденска е вклучено и јавното претпријатие ЈКП „Водовод“, кое е задолжено за изведба на водоводните приклучоци, а КЈП „Нискоградба“ ќе ги изведува канализациските приклучоци.
За водоводните приклучоци „Водовод“ ќе добие 3,6 милиони денари, додека на КЈП „Нискоградба“ за канализациските приклучоци ќе му бидат исплатени вкупно 6,9 милиони денари, а пак за коловозот ќе бидат исплатени вкупно 22 милиони денари.