Жителите на селото Гермијан можат да бидат мирни и спокојни. Деновиве завршија градежните активности за уредување на коритото во должина од 340 метри на реката, за заштита од поројните дождови во населеното место Гермијан.
– Конкретно во Гермијан завршија активностите за заштита на коритото на реката коешто ќе го штити селото од поројните дождови, кои во минатото нанесувале големи штети по имотот на овие жители. Со реализацијата на овој проект се реши и проблемот со поплавувањето на земјоделското земјиште како и станбените и фармерските објекти во овој дел од регионот кои често се случуваа во изминатите години како последица на поројните дождови и слабиот систем за заштита од поплави. Инвестицијата е во износ од 148.883 евра, во кои Министерството за локална самоуправа учествува со 15 проценти поточно 22.224 евра, изјави министерот за локална самоуправа Горан
Милевски, кој притоа нагласи дека овој проект е уште еден доказ дека прекуграничната соработка со соседна Грција одлично се интензивира и практично општините, цивилниот сектор и другите институции се целосно подготвени да влезат и во третата фаза, и во ИПА 3 која што ќе се имплементира за периодот 2021-2027 година, за којашто се предвидени неформално околу 40 милиони евра.
Според Милевски во селото Гермијан останува да се изгради уште канализационата мрежа, со што ова село ќе стане модерно село, каде што жителите ќе живеат по сите европски стандарди и вака треба да се однесува секој градоначалник за секое рурално место, за сите граѓани во државата имаат еднакви услови за живот.
Уредувањето на коритото се реализира во рамките на проектот „Заедничка прекугранична соработка за заштита на населението од природни непогоди и катастрофи предизвикани од човечки фактор (J-CROSS)“, кој Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион го имплементира во рамките на Програмата за прекугранична соработка Интеррег – ИПА ЦБЦ помеѓу Македонија – Грција 2014-2020 финансиски поддржана од ЕУ и Министерството за локална самоуправа. М.М.