КИЧЕВО

Педесет попишувачи успешно ја завршија тридневната обука што ја спроведоа двајца републички инструктори и четворица реонски инструктори, кои претходно успешно ја поминаа тридневната обука. По завршената обука, реонските попишувачи заедно со нивните инструктори ќе извршат обиколка на теренот, за да имаат појасна претстава каде ќе треба да ја изведат оваа операција, потврди за МИА републичкиот инструктор Александар Лазаров.

– Во изминатите три дена успешно ја изведовме обуката за 50-те реонски попишувачи, од кои петмина ќе бидат во резерва. Овие попишувачи ќе бидат ангажирани во пописниот реон 27 што ги опфаќа општините Македонски Брод и Пласница. Според планот, 30 реонски попишувачи ќе бидат ангажирани во Општина Македонски Брод, додека 15 реонски попишувачи ќе бидат ангажирани во Општина Пласница. Петте резервни попишувачи ни се потребни од причина што во случај некој од попишувачите се откаже или разболи неговото место ќе го заземе попишувач од резервниот состав – нагласи инструкторот Лазаров.

Тој појасни дека на сите попишувачи пред почетокот на обуката им беа поделени лаптопи, кои ќе останат кај нив до крајот на оваа операција. Потсети дека за време на обуката ги посетил и експерт за попис од Република Словенија, кој е еден од странските експерти ангажирани да ја следат оваа операција. Според зборовите на Лазаров, експертот од Словенија бил задоволен од она што можел да го види во текот на обуката на кандидатите во Македонски Брод.