По месец и половина заврши мрестот на крапот на Осломејското Езеро и за истиот период беше забранет ловот на овој вид риба, или се ловеше по принципот „улови па врати“, без да се носи некој примерок дома. Временските прилики и поволната хидрологија на езерото, придонесоа мрестот да се одвива како што само посакуваа спортските риболовци и членовите на новоформираното риболовно друштво „Ловец на риба“ од Кичево.
Резултатот од овој мрест риболовците ќе може да го уживаат после три до пет години, кога штотуку излегнатите примероци на крап ќе ја достигнат задоволителната големина.
– Во изминатите 45 дена на Осломејското Езеро се одвиваше мрестот на крапот и во истиот период беше на сила ловостој на овој вид на риба, додека беше дозволено риболовците да ловат од останатите видови на риба како клен, караш, мрена, црна мрена, видови на риба со кои изобилува оваа езерска акумулација. Бидејќи имавме идеални услови за мрест на крапот и поволна езерска хидрологија, очекуваме во наредните три до пет години да добиеме убави примероци на крап резултат од штотуку завршениот мрест. Ние спортските риболовци и членови на друштвото, вложуваме дополнителни напори во наредниот период да извршиме и трето порибување на езерото, со што фондот на риба значително би се зголемил. Откако пролетва го тампониравме и патот до и крај самото езеро, оваа водена акумулација стана лесно достапна за спортските риболовци и љубители на убавата природа, кои ги има во се поголем број – истакна Бесмир Елези, претседател на новоформираното спортско риболовно друштво „Ловец на риба“ од Кичево. З.А.