ДЕМИР ХИСАР
Во рамките на проектот за јакнење на регионалните капацитети за одржување и заштита на патната инфраструктура во Пелагонискиот Регион, набавен е функционален комплет на механизација, товарно возило, плуг и соларка, за зимско одржување на сите видови патна инфраструктура на територијата на општина Демир Хисар, велат од Министерство за локална самоуправа.
– Бенефиција од проектот на Центарот за развој на пелагонискиот плански регион ќе имаат околу 30.000 жители на Демир Хисар, Крушево, Кривогаштани, а вкупната вредност на инвестицијата е над седум милиони денари, заедно со општината Демир Хисар. Со набавката преку проектот треба да се придонесе кон зајакнување на техничките капацитети на Пелагонискиот Регион за одржување и заштита на локалната и регионалната патна инфраструктура – рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Тој појасни дека на овој начин ќе се подобри ефикасноста на јавното комунално претпријатие во Пелагонискиот Регион при извршувањето на неговите надлежности и давањето услуги на населението и стопанството, а исто така ќе се зголеми безбедноста на локалните и регионалните патишта во зимски услови, но ќе се зголеми на протокот на луѓе и на стоки на територијата на Пелагонискиот Регион.
– Во период од три и пол години, ова е трето возило што го набавуваме преку пелагонискиот плански регион. Двете возила беа за собирање комунален отпад, а ова возило за одржување на локалните патишта. Како Општина Демир Хисар кофинансиравме во проектот во висина од 3 милиони и 700 денари ,затоа што ни претставуваше приоритет одржувањето на патиштата. Ние имаме околу 100 километри локални патишта, а со ова возило непречено ќе работат од страна на јавното комунално претпријатие – истакна градоначалникот на Општина Демир Хисар, Марјанче Стојановски.
Од Центарот за развој на пелагониски плански регион истакнаа дека овој регион во зимскиот период изобилува со обемен снег и ниски температури, така што од тие временски услови се појавила иницијативата на градоначалникот за набавка на возилото.
– Преку оваа набавка ќе се направи заштеда на јавните претпријатија, со тоа што нема потреба повеќе да се ангажира приватна механизација, така што јавното комунално претпријатие директно ќе ги подобрува условите за живот на локалните граѓани во Демир Хисар, но и за тие што патуваат постојано во овој регион – рече Гого Видимче, директорот на Центарот за развој на пелагониски плански регион.