По четиринаесетти пат, во трпезаријата од црковниот храм „Свети Петар и Павле“ во Кичево, се одржа традиционалниот избор на најубаво велигденско јајце, најубава торта, најубав солен колач и најубав велигденски цртеж, а за дечињата беше организиран натпревар во кршење на јајца, во кој најсилното јајце го имаше шестгодишната Каролина Ангелеска.
Во категоријата на најубаво велигденско јајце, беше прогласено јајцето под шифра „Христијанско писмо“, второто место му припадна на јајцето под шифра „Божја молитва“ а на трето место се пласира јајцето под шифра „Мајка Исусова“. Авторка на најубавото велигденско јајце беше Ели Попоска-Петреска.
– Овој ден ми е пресреќен, затоа што за големиот празник Велигден, јајцето што јас го декорирав беше прогласено за најубаво на манифестацијата што денес се одржа во црковниот храм во нашиот град. Идејата за ова јајце ми беше големиот верски празник Велигден и, токму таа инспирација ја пренесов на ова преубаво јајце, кое воедно беше и победничко – рече Ели Попоска-Петреска.
Во категоријата торти првото место го освои тортата под шифра „Невиност“. Солениот колач под име „Небо“ беше прогласен за најубав.
Во категоријата детски цртежи на тема Велигден, првото место го освои цртежот под шифра „Надеж“ чиј автор беше ученичката од 3-3 одделение при О.У „К.Ј.Питу“ од Кичево, Христијана Цавироска.
– Победничкиот цртеж беше целосно моја идеја и се чувствувам презадоволна што токму мојот избор беше по вкусот на комисијата, а тоа ќе ме поттикне и наредните години за големиот верски празник Велигден да изработувам и нови цртежи со нови содржини – рече победничката Христијана Цавироска.
На крајот беше организирана аукција на која на продажба беа понудени сите производи кои беа пријавени за денешниот натпревар.
– Средствата собрани од денешната аукција ќе бидат наменети за новиот црковен храм што во месец декември го започнавме кај новите градски гробишта во Кичево – рече Тони Петрески, претседател на црковниот одбор.