Во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп денеска е отворена изложбата „Диего и Фрида, насмевка на половина пат“, која опфаќа 95 црно-бели фотографии и артефакти преку кои се прикажува универзумот на Диего Ривера и Фрида Кало, уметници, кои се еден од најконтроверзните парови во нивната љубов, а чие влијание ги надминало светските граници.

Изложбата, која за првпат е поставена во Македонија, ги открива не само взаемната страст на парот Ривера и Кало, туку и нивното заедничко ангажирање во општеството и во политичките збиднувања во времето во кое живееја, кои ги овековечиле фотографите Питер Џулс, Гилјермо Самора, Николас Мареј, Едвард Вестон, Мануел Алварес Брава, Гилјермо Кала и Хуан Гусман.

Фотографите ги овековечиле различните етапи од животот на парот, од љубовта и смртта, од нивното венчавање во 1929 година до 1954 година и смртта на Кало, и се отсликува бесконечното согласување и несогласување во првата половина на 20 век во Мексико.

Изложбата е исклучителна можност преку фотографии да се запознае  волшебната реалност на парoт. Диего Ривера е еден од најзначајните уметници, претставници на мексиканскиот мурализам, а Фрида Кало е позната како творец на автобиографски слики под влијание на народната мексичка и староседелска уметност.

Оваа екслузивна изложба, која ја виде цел Балкан и предизвика голем интерес, за првпат се отвора во земјава, благодарение на соработката на ЦК „Марко Цепенков“ со Амбасадата на Мексико во Србија.

Ка.М.