КИЧЕВО
Плановите на членовите на риболовното друштво „Хантер Фиш“ од Кичево да имаат чисто езеро и убаво уреден крајезерски појас тешко се реализираат, бидејќи на патот на нивните желби им застануваат неодговорни жители од блиските села, кои го депонираат комуналниот отпад речиси крај самото езеро, со што целосно ги нарушуваат изгледот и имиџот на овој езерски бисер.
– Сите наши заложби и апели до локалните жители да не го фрлаат комуналниот отпад крај самото езеро, не даваат резултати. Понекој член од нашето риболовно друштво во текот на денот е крај езерото и тогаш нема фрлање ѓубре. Но штом падне мрак, ѓубрето се носи крај езерото и тука се депонира, па кога наредниот ден ќе прошетате, ќе забележите нови и нови купишта, секаков вид отпад од комунален до градежен шут – вели Бесмир Елези, претседател на риболовното друштво.
Тој посочи дека во повеќе наврати крај езерото се ставани плакати со пораки до локалните жители да не го фрлаат ѓубрето крај самото езеро.
– Ниту нашите молби ниту плакатите, кои беа истакнати на два јазика, крај самото езеро со апел до сите локални жители да не го фрлаат ѓубрето крај самото езеро не придонесоа состојбата да се промени, додека плакатите беа отстранети, а нам ни преостана да го чистиме ѓубрето колку што можеме, барем за малку да ја подобриме грдата слика создадена од овие депонии – дополни претседателот Елези.
Оваа непријатна слика на диви депонии ја има во сите делови од општината и ако прошетате кон спортско-рекреативниот центар „Крушино“ и во речните корита ќе забележите барем дваесетина локации со комунален и друг вид отпад.