За да се подобри хигиената во градот, локалната самоуправа и комуналното претпријатие од Кичево во повеќе наврати на електричните столбови, речиси во целиот град, поставија канти за ситен отпад, кои може да им послужат на граѓаните кога се движат по улица, празните кутии од цигари, догорчињата и сѐ што не им е потребно да го фрлат во нив.
Но, за жал, на поединци овие канти како да им пречат и често ги корнат од лежиштата, ги фрлаат или ги земаат со себе за домашни потреби, евентуално како суровина за старо железо. Градската управа, и покрај овие појави, е упорна и се обидува да ги промени навиките на своите жители и секојпат повторно поставува нови канти, сѐ додека не се вразумат и најнедисциплинираните локални жители.
– Нашите напори хигиената во Кичево секогаш да биде на завидно ниво, за жал, не ги даваат секогаш очекуваните резултати, бидејќи кантите што ги поставуваме по улиците за ситен отпад, често се цел на кражби или едноставно се уништени или откорнати од своето лежиште, а често граѓаните во нив го фрлаат и комуналниот отпад што треба да го фрлат во контејнерите. Овие појави нема да нѐ обесхрабрат и понатаму да поставуваме нови канти за ситен отпад, по што очекуваме кај повеќето од нив да се разбуди свеста и да се однесуваат како цивилизирани граѓани – посочуваат од локалната самоуправа.
Дури во многу наврати се случува кантите да завршат во речното корито, а најапсурдна беше глетката кога бетонските канти за ситен отпад од кејот на Сушица завршуваа во нејзиното корито, иако се тешки 40-50 килограми.
И контејнерите за комунален отпад често се палат или им се вадат тркалцата, поради што тие се искривуваат и се потешки за празнење и манипулација, што им создава дополнителни проблеми на работниците од комуналното претпријатие.