Во Кичево денес престојуваа евроамбасадорот Самуел Жбогар и група европратеници кои во друштво на градоначалникот Фатмир Дехари го посетија колекторскиот систем, кој беше пуштен во работа во месец јуни 2018 година, а истиот беше изграден со европски пари. Европратениците го разгледаа овој систем, како истиот функционира и најавија дека истиот наскоро целосно ќе му го препуштат во мониторирање на ЈКП„ Комуналец“ Кичево.
Од еврпратениците се обрати естонскиот пратеник Туне Келам, кој истакна дека во овие неколку денови ја посетиле Република Албанија и Македонија. Поточно во изминатите три дена престојувале и во Охрид.
– Убаво е да се види придонесот на ЕУ и европската делегација овде, ќе има уште неколку пречистителни станици, една е веќе тука, а ќе има уште две големи. Впечатокот ми е дека треба да се стори уште повеќе, особено за подобрувањето на менталитетот на луѓето, не да се фрла отпадот, туку да се има култура за собирање на отпадот и мислам дека работите ќе се подобрат- истакна европратеникот Келам.
Градоначалникот на Општина Кичево беше презадоволен што вака висока делегација од ЕУ го посети Кичево и колекторскиот систем и на самото место се увери во оправданоста од изградбата на овој систем.
– Мене ми претставува огромна чест што во Кичево е евроамбасадорот Самуел Жбогар и пратеници на ЕУ, се чувствувам горд со капиталната инвестиција што веќе дава резултати, во делот каде што мислиме дека имаме проблеми, а тоа е во делот на животната средина. Продолжуваме со втората фаза со средства од ИПА фондовите и сме прва општина што успеа да ги искористи овие фондови. Секундарната мрежа треба да се санира целосно, и сите други села што се околу градот, со изградба на нови фекални канализации и колектори, директно ќе се насочуваат во пречистителната станица. Овој проект не зависи од нас, ние сме крајниот корисник, во моментов се распишани јавните набавки за надзорен орган и за изградба на објектите. Крајниот рок за завршувањето на проект е 2020 година, а ќе бидат потрошени, 14 милиони евра,11 милиони од ЕУ, а 3 милиони средства од Владата на Република Македонија. Целосното управување на колекторскиот систем од 1 април ќе го има ЈПК„ Комуналец“ од Кичево- истакна градоначалникот Фатмир Дехари.
Зоран Антоски