КИЧЕВО
Дрвосечачите периодов имаат полни раце работа. Кичевските дрвосечачи секојдневно добиваат повици од граѓаните и од жителите на селата за да ги исечат набавените дрва. Ова е периодот кога ја остваруваат главната заработка. Тие признаваат дека имаат работа во изобилство и, независно од тоа дали е празник или работен ден, повиците се континуирани. Единствено не работат кога врне дожд и кога е невозможно да се работи на отворено.
– Од почетокот на летото до доцна во есента, од работа не можеме да кренеме глава. Сите бараат што побрзо да ги средат дрвата, за да не дојде период проследен со дождови, што може да ја одложи работата, а се ближи и почетокот на грејната сезона. Сите сакаат најдоцна до крајот на октомври да ги имаат подготвено дрвата за затоплување. Количествата на дрва кај граѓаните варираат од половина до цел камион, или од 5 до 13 кубици, во зависност од тоа на колку места греат. Повеќето набавуваат дабово дрво, а помалобројни се оние што се греат со буково дрво. Дабовите дрва побавно горат, а буката дава пламен, но побрзо согорува. Цената за сечење кубик дрва изнесува 150 денари. Не е превисока, ако се имаат предвид трошоците што ги имаме, од гориво до амортизација, а плаќаме и помошник, кој ни подава дрва – вели Војче Илиоски, еден од најпознатите дрвосечачи во градот.
Со оглед на тоа дека ова е тешка и валкана работа, сѐ помалку млади имаат желба да ја работат и да ја продолжат семејната традиција на своите дедовци и татковци.
– Како одминуваат годините така бројот на сечачите во градот се намалува. Останати сме ние неколкумина постари сечачи, наследници речиси нема. Младите би сакале да работат нешто друго, а не оваа работа. Ние, потиснати од годините, сѐ повеќе го чуствуваме товарот на работата, бидејќи креваме тешки дрва, додека сечеме изложени сме на многу ѓубре што паѓа од дрвата, а секако ни прават проблем и издувните гасови што излегуваат од самата машина, како и бучавата што ја создава моторот. Нашата работа е сезонска, во еден период имаме многу работа, а потоа следува период речиси без работа и без основни приходи. Можеби и оваа несигурност младите ги тера да се занимаваат со нешто друго – вели Душко.
Дрвосечачите велат дека често ги викаат и по селата. Во тој случај мора да потрошат гориво за пат, а од нив се бара дрвата да ги сечат по цената по која сечат во градот, не сметајќи на зголемените трошоци поради транспорт и амортизација на машината и, секако, на потрошеното време по пат, што во овој период им е повеќе од драгоцено.