КИЧЕВО

Една од двете драмски претстави што финансиски се поддржани од Министерството за култура е драмата „Непотизам“ од Кристо Флоќи, која на албански јазик ќе ја подготви режисерот и актер Рахим Рамадани, ќе ја изведат драмските аматери од Кичево, а ќе биде изведена кон крајот на октомври. Поради презафатеност во текот на летото, како што најави режисерот Рамадани, драмската претстава премиерно ќе биде изведена кон крајот на октомври, до кога ќе биде подготвен овој драмски текст.

– Драмската претстава „Непотизам“ од Кристо Флоќи, која на албански јазик ќе биде изведена кон крајот на месец октомври, ќе започнеме да ја подготвуваме од почетокот на наредниот месец и сметам дека период од два месеца е сосема доволен за да бидеме целосно подготвени за претстојната премиера. Единствено останува неодговорено прашањето кои од младите актери ќе бидат ангажирани во оваа драмска претстава, ако се има предвид фактот дека од 16. овој месец ќе треба сите граѓани на Република Македонија да се вакцинираат против ковид-19. Поради овој факт ќе бидеме принудени да избереме екипа актери што се вакцинирани против ковид-19 барем со една вакцина – рече режисерот и актер Рахим Рамадани, кој во текот на летото имаше ангажмани во театарот во Тетово, а во текот на изминатиот период со театарска група гостуваше и во Турција.

Паралелно со драмската претстава на албански јазик, драмските аматери од Кичево ќе подготват и една драмска претстава на македонски јазик, која ќе има премиерно претставување во средината на октомври. Рокот се пролонгира поради откажување на неколку актерки од главната женска улога. За секоја од двете драмски претстави, Министерството за култура обезбеди по 50.000 денари.