Ротари клубот Битола во соработка со компанијата „Хемометал“ сопственост на ротаријанецот Мирко Велковски, на библиотеката „АЛ БИ“ во с.Бабино му подари моторна тревокосачка со корпа, со цел одржување и разубавување на прекрасниот простор од околу 3.500 метрио квадратни во кој се чувствува духот на минатото, трајните вредности, но во кој се гледаат и потенцијалите за развој на иднината.

Донацијата беше врачена од дел од членовите на клубот, а од страна на домаќинот гостите беа почастени со традицонални пијалоци и храна од Бабино. При посетата беа вкусени и млечните производи на „Вемилк“ Битола. При посетата на библиотеката, членовите на Ротари клубот кои со оваа институција имаат долготрајна соработка го искажаа своето задоволство од значењето на вредностите кои се чуваат таму, а дадоа и признание на истрајноста и ентузијазмот на Стево Степановски.

На средбата беше ветено дека и во иднина во рамките на својата програма и активности Ротари клубот Битола ќе продолжи да ја помага библиотеката, а беше упатен и повик до сите љубители на убавиот збор да го посетат ова прекрасно катче со традиционален изглед во кое има и етно соба и огромен фонд на ретки и уникатни книги, со кои се зачувува духовното и историското значење на нашиот народ и култура.

Од клубот, изјавија дека на овој начин Ротари клубот Битола помага кон зачувување на општите вредности и афирмација на позитивните активности на поединци и групи и ветија дека во иднина ќе продолжат со својата мисија.

М.М.