КАРПОШ

Вкупно 25 ученици од основните училишта во Карпош, од осмо и деветто одделение, ќе добиваат стипендии, затоа што ги исполнуваат условите од јавниот повик што го распиша Општината. На спортско-рекреативниот центар во ООУ „Лазо Трповски“ беа доделени решенијата на учениците што ќе добиваат по 2.500 и 3.000 денари. Стипендиите ги добиваат талентирани ученици, со постигнати успеси во знаење и стекнати сертификати од релевантни натпревари, како и ученици успешни спортисти. Истите тие имаат за цел да ги мотивираат најмладите да бидат уште поуспешни во основното образование.
Градоначалникот Стефан Богоев ги поздрави учениците и им честита за постигнатиот успех.

– Паричните средства можеби не се премногу големи, но навистина е реткост млади луѓе, на ваши години, на еден начин да „заработуваат“ свои пари надвор од она што ви го даваат родителите. Цела година учите во навистина специфични услови и затоа овие стипендии за кои се изборивте имаат уште поголема вредност за вас и вашите родители – рече Богоев.
Тој со учениците разговараше и за начинот на кој се спроведува онлајн наставата и крајот на првото полугодие од учебната година. Учениците посочија дека не било лесно да се приспособат, имале тешкотии, но успешно се справиле со најголем дел од проблемите.
– На крајот, сакам само да ве повикам за време на празниците, за време на зимскиот распуст да бидете одговорни и да не се групирате. Знам дека ви е тешко и здосадено. На сите нас ни треба и повеќе дружба и луѓе, но да се стрпиме уште малку, а и да мислиме на нашите родители, баби и дедовци, кои ако се заразат од нас, можат да поминат со потешки последици – заврши градоначалникот.