Планинарскиот спортски клуб ,,Голак” од Делчево по повод своето петгодишно постоење ги додели наградите за најдобрите планинари за претходната година. Како што информираше претседателот на ПСК ,,Голак”, Љупчо Чучуковски, вкупно осум планинари добија признанија за постигнатите резултати во 2018 година.
 
-Традиционално на почетокот на годината, овој пат во месец февруари, по повод нашиот мал јубилеј, реализиравме планинарски марш на планината Голак, во вкупна должина од пет километри. Маршот се реализираше по доста длабок снег, така што почетна точка ни беше Шумската Вила на 1.390 метри надморска висина до манастирот Св. Пантелејмон кој се наоѓа под самиот врв Мала Чавка на 1508 метри надморска висина. По завршувањето на маршот, доделивме осум признанија за посебно постигнати резултати за 2018 година, како и диплома за најдобар планинар за изминатата година. Осумте признанија ги добија тројца членови од Делчево, тројца членови од Берово како и двајца членови од Велес, додека диплома за најдобар планинар доби планинарот Бота Јовановска од Делчево, информираше Чучуковски.
 
На одбележувањето на петгодишниот мини-јубилеј на ПСК ,,Голак”, учествувале вкупно 50 планинари од Делчево, Берово, Пехчево и Велес.
 
Следната активност, како што најавија од ПСК „Голак”, ќе се реализира во поповолни временски услови, при што ќе бидат промовирани помалку познати, но атрактивни туристички локалитети во Пијанечко-малешевскиот регион.