Со мала свеченост денес беше одбележана десет годишнината од почетокот со работа на Правниот факултет Кичево. На ова одбележување беа присутни првите луѓе на Универзитетот „Свети Климент Охридски“-Битола, во чии рамки работи овој факултет. Во склоп на денешната свеченост беа промовирани и новите додипломци и магистри, кои со овие академски титули се здобиле во изминатите 12 месеци.
-Точно пред една деценија започна со работа Правниот факултет во Кичево со дисперзирани студии во Битола и Струга. Отворањето на овој факултет во целост ги оправда очекувањата, бидејќи во рекордно краток период обезбеди кадровски решенија како и соодветна зграда која нуди максимални услови за работа како на студентите така и на професорите. Најдобра потврда за оправданоста од отворањето на овој факултет е бројот на запишани студенти во изминатите 10 години кој изнесува 3 267 од кои дипломирале 818, на постдипломски студии се запишале вкупно 342, а од нив магистрирале 178. Наскоро очекуваме да ги добиеме и првите доктори на правни науки – рече Гоце Велески, секретар на Правниот факултет – Кичево.
Паралелно со одбележувањето на годишнината на факултетот беа промовирани и 131 додипломец и 54 магистри на правни науки, кои со овие степени на образование се здобиле во изминатите 12 месеци. Инаку кај додипломците првенец на генерација со просек 9,82 е Лаура Бајрами од Струга. На свеченоста свое обраќање имаше и деканот на факултетот Горан Илиќ и неговиот претходник во два мандати Илија Тодороски, а присутните ги поздрави и проректорот Светлана Николоска.
На свеченоста на голем број заслужни поединци професори и компании, кои придонеле во развојот на факултетот им беа доделени благодарници.
З.А.