Со посета на Спомен костурницата на Китиното Кале, од страна на членовите на Сојузот на борците од Кичево и почитувачи на НОВ, беше одбележан 11-ти Октомври, Денот на народноослободителната борба на Македонија.
Откако беа положени букети свежо цвеќе на Спомен костурницата, а присутните се поклонија и пред криптата каде почиваат коските на 555 загинати борци од времето на НОВ од овој крај, пред насобраните граѓани и продолжувачи на овие традиции, зборуваше Владо Дејаноски, претседател на Здружението на Сојузот на борците од Кичево.
– Овој ден никогаш не треба да се заборави и мора да остане во трајно сеќавање и на идните генерации, бидејќи со Народноослободителната војна извојувана е слободата. Сите ние со пиетет треба да зборуваме за овој празник и да имаме голема почит кон оние што го дале својот живот. Нашиот крај е еден од оние каде виорот на војната најмногу се почуствувал и многу историски датуми од тој период поврзани се со Кичевијата. Нашиот град е првиот што бил ослободен од непријателот, тука било отворено и првото училиште на македонски јазик, а проработела и првата печатница. Сето тоа не право горди на нашите претци, кои се избориле за денешната слобода – истакна Владо Дејаноски, претседател на Здружението на Сојузот на борците во Кичево.
З.А.