фото: Зоран Антоски

Во текот на вчерашното предвечерје, во Кичево избувнаа два пожари. Првиот пожар се случи на улица „11 Октомври“ околу 19 часот, каде беше опожарен стан на горниот спрат од колективна станбена зграда каде што живеат повеќе семејства.

Огнената стихија зафатила дел од покуќнината и покривот на зградата, кој благодарение на брзата интервенција на екипи на ТППЕ Кичево целосно е изгаснат, и спречена е можноста да бидат опожарени и други станови во зградата која е стара повеќе од 70 години.

– Вчеравечер имавме интервенции на два пожари во градот. Првиот пожар избувна на улица „11 Октомври“, каде што од огнената стихија беше зафатен стан на горниот спрат во стара зграда каде што живеат повеќе семејства. Благодарение на брзата интервенција, пожарот беше целосно изгаснат и спречена поголема материјална штета и проширување на пожарот и на повеќе станови. На овој пожар интервениравме со две возила и со пет пожарникари. Вториот пожар избувна на улица Скопска, каде што беше опожарен оџак и во овој случај со брзата интервенција спречено е пожарот да се прошири на целиот објект – рече Горан Соколески, командир на ТППЕ Кичево.

Во првиот случај како можна причина за пожарот се смета неисправната и дотраена електична инсталација во објектот.

З.А.