По 12 години потстанари во друг објект во средиштето на градот, вработените од Даночното одделение од Кичево, се вратија во старата реконструирана зграда, која во изминатиот период беше привремен дом и на едно повеќечлено семејство и истата беше многу запоставена, со покрив кој прокиснуваше, со искршени прозорци, и зарасната со висока трева и трње од повеќе страни.
Управата за јавни приходи на РМ издвои средства за целосна реконструкција на оваа зграда, со што истата доби сосема нов лик и неспоредливо подобри услови за работа.
– Со средства обезбедени од страна УЈП на РМ, целосно е реконструиран стариот објект на даночното одделение, кој по овој зафат доби целосно нов лик. Градежните работи на објектот траеа неколку месеци, а со овој зафат зградата е целосно реконструирана, поставен е нов пластифициран покрив, нова енергетска фасада и пвц прозори. Исто така реконструирани се и санитарните јазли и степеништата, а за промена на комплетниот изглед и подобрување на условите за работа, истата е климатизирана и во сите простории е поставен нов инвентар -истакнаа од Даночното одделение од Кичево.
Инаку предворјето е дотерано со нови бекатон плочки и мал тревник. Со сите зафати што беа извршени на овој објект и околу него, вработените добија неспоредливо подобри услови за работа. Инаку објектот на даночно одделение се протега на два ката и располага со 260 метри квадратни корисна површина.