Оваа сезона на грип Гостивар во повеќе наврати го држеше неславниот рекорд на општина со најмногу заболени во Македонија. Невообичаено за месец мај, во гостиварската подрачна единица на Центарот за јавно здравје Тетово се уште се регистрираат заболени од грип.
Како што објави Институтот за јавно здравје на Република Македонија, последната недела пријавени се 13 нови случаи на ова заразно заболување, со што вкупниот број на заболени од почетокот на сезонава достигна бројка од 2.410. Во Гостивар изминава недела е регистрирана и највисоката инциденца односно 10,9 на 100 илјади жители.
– Во текот на 19-та недела од 2018 година, во Македонија пријавени се 35 случаи на
грип/заболувања слични на грип, што е зголемување во споредба со 21-от случај од минатата недела. Односно наместо тренд на опаѓање, овојпат има тренд на растење. Споредено со 19-та недела од минатата сезона 2016/2017, бројот на заболени оваа недела е поголем за 67 отсто – велат објавените податоците на Институтот за јавно здравје.
Понатаму Институтот известува за присуство на заразната болест голема кашлица на
подрачјето на Тетово. Според месечниот извештај за движењето на заразните заболувања во Македонија, во април, регистрирани се два случаи на голема кашлица.
Првиот случај е двомесечно дете од Тетово, кое не било вакцинирано, а вториот во Скопје. А.С.