КАРПОШ

Преку информирање на граѓаните за начините за пријава на корупција и судир на интереси, како и добивање правна помош, Општина Карпош во соработка со коалицијата „Сите за правично судење“ го одбележа 9 Декември, Меѓународниот ден за борба против корупцијата.
Пред седиштето на општината, во близината на архивата, каде што фреквенцијата на граѓани што се обраќаат до локалната самоуправа е поголема, беше поставен штанд. Претставниците од коалицијата делеа промотивни материјали, но и ги информираа жителите за начините да препознаат и да пријават корупција. Една од најлесните можности е преку електронски пат: https://all4fairtrials.org.mk/?p=3384&lang=mk.
На оваа теренска активност присуствуваше и градоначалникот Стефан Богоев, кој ги мотивира граѓаните да бидат проактивни и отворено да зборуваат за односот со службениците или квалитетот на услугите на локално ниво.

Во изминатиот период, Општина Карпош спроведува и проект во соработка со „Фондацијата отворено општество – Македонија“ (ФООМ), насловен „Зајакнати системи на интегритет за борба против корупција на локално ниво“, кој е дел од Проектот за граѓанско учество, спроведуван од институтот „Ист Вест менаџмент“ и финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Општинската администрација во соработка со ФООМ подготвува анализа за процена на ризици од корупција и судир на интереси, се креира план за интегритет за да се обезбеди поефикасна администрација, но и се испитува јавното мислење за распространетоста на корупцијата на локално ниво.