ВЕЛЕС

Според последните резултати од мониторинг-станицата за квалитетот на амбиенталниот воздух во Велес, граѓаните дишат воздух со високи среднодневни концентрации на ПM 10 честички на територијата на Општината, информираат оттаму.
Во согласност со уредбата за гранични вредности за нивоа и видови загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, е надминат прагот за информирање од 100 мг на кубен метар.
– На граѓаните им се препорачува да користат јавен превоз, возила да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време. Да не се користат за затоплување простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ-амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал. Рано наутро и доцна навечер да се избегнува долготрајна изложеност на отворено. Правилно да се користат печките за дрва, да се користи суво, а не влажно огревно дрво и редовно да се чистат оџаците. Да се одложат сите активности на отворено – препорачуваат општинарите.
Доколку има надминување на прагот на алармирање во текот на два последователни дена над 175 мг на кубен метар ќе бидат преземени дополнителни вонредни мерки за што јавноста навремено ќе биде информирана, додаваат оттаму.