КАРПОШ

Општина Карпош креира онлајн анкетен прашалник, преку кој граѓаните може да се вклучат во креирањето на буџетот за 2021 година. Сите жители на Карпош имаат можност да достават предлози, иницијативи за својата населба. Линкот до прашалникот се наоѓа на веб-страницата на општината.
– Општинските сектори и одделенија ги подготвуваат буџетските програми за 2021 година. Сите предлози што се реално остварливи и постои финансиска можност за нивна реализација, ќе бидат земени предвид и интегрирани во буџетските документи. Оваа година анкетниот прашалник е дополнет со прашање за пандемијата и предлози на жителите за потенцијални нови активности/мерки што реално може да бидат преземени од општината за намалување на последиците од ковид-19 – информираат оттаму.
Локалната самоуправа планира и спроведување теренска анкета за да се добие уште појасна претстава за главните потреби и проблеми на граѓаните.
Партиципативното буџетирање има цел да овозможи поголемо учество на граѓаните и граѓанските организации при носењето на буџетот, но и поставување приоритети за претстојната 2021 година.