Невремето проследено со град вчера во попладневните часови предизвика големи штети на земјоделските посеви во селата Негорци, Ново Конско и делови од Мрзенци, Смоквица и Милетково, соопштија денеска од Општинската комисија за проценка на штети.
Најголеми се оштетувањата на земјоделските култури и лозјата на кои бербата само што почна, а според првичните неофицијални проценки во делови на Негорци тие се целосно уништени, а некаде оштетувањата изнесуваат од 50 до 75 отсто.
Градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков денеска ги обиколи оштетените посеви и ги информираше земјоделците дека општината веќе ги презеде потребните активности за што побрза проценка на штетите.
Општинската комисија веќе се наоѓа на терен за да ги утврдува настанатите штети и ги информира земјоделците дека пријавувањето на штетите ќе се врши до петок во општинските канцеларии во Гевгелија, Негорци и Миравци.
Врз основа на поднесените пријави од оштетените земјоделци, Комисијата од утре ќе почне со индивидуалната проценка на штетите од невремето.