Во својата богата историја, Битола го добила и називот град на конзулите и на клавирите. Според хроничарите, ваквите епитети градот под Пелистер со право ги стекнал, бидејќи во Битола во минатото имало повеќе од десетина конзулати на голем број европски земји, а во голем број битолски куќи во градот, клавирот бил најчест музички инструмент. Но доколку продолжи ваквиот тренд на отворање обложувачници и коцкарници, Битола во скоро време ќе може да се нарече „казино-град“.
Во последно време во Битола, особено во строгиот центар на градот, на популарниот Широк сокак, се отворија голем број коцкарници и обложувачници, каде што најчесто навраќаат (нај)младите битолчани.
Иако ваквото масовно отворање коцкарници и обложувачници во Битола постојано предизвикуваше револт кај битолчани, последниот случај, кога во строгиот центар на градот, само на дваесетина метри од Центарот за култура и од основното училиште „Гоце Делчев“, беше отворена најновата коцкарница, битолчани со право реагираат и се прашуваат како овој објект, кој некогаш беше репрезентативна куќа со стара битолска архитектура, доби дозвола за коцкарница.
– Ова навистина е скандалозно. Не знам како сопственикот на овој објект успеа да добие дозвола за отворање коцкарница или обложувачница, што ли е, на локација што е само дваесетина метри оддалечена од Центарот за култура и од училиштето. Во ситуација кога во градот имаме безброј казина, коцкарници, и обложувачници, требаше ли да се изгради коцкарница во непосредна близина на основно училиште – ни вели еден од наставниците од ОУ „Гоце Делчев“.
Според нашиот соговорник, како и според другите битолчани со кои разговаравме деновиве, кога се обидувавме да ги регистрираме сите обложувачници и казина, Битола личи на Лас Вегас.
Разликата е само во тоа што во градот под Пелистер коцкарниците и обложувачниците не се наоѓаат во такви раскошни објекти како во градот на (не)среќата и коцкањето – Лас Вегас.
Во Битола сите тие објекти за игри на среќа, кои на голем број битолчани, особено на младите, им донесоа многу повеќе несреќа и разочарување, се сконцентрирани главно во строгиот центар на градот. Додека голем број дуќани на Широк сокак едвај опстојуваат и крпат крај со крај во месецот, во Битола постојано во центарот на градот никнуваат нови коцкарници и обложувачници.
– Ова што се случува во Битола е, најблаго речено, трагично. Додека дуќаните во градот стојат празни и без муштерии, обложувачниците и коцкарниците се најпосетени. Но обложувачниците и коцкарниците им носат среќа само на сопствениците, додека на најголемиот број битолчани им носат несреќа, па, така, некои од нив откако ќе ги изгубат парите својот револт го изразуваат врз машините и ги кршат, не плашејќи се ни од обезбедувачите ни од полицијата – објаснува еден од загрижените битолчани.
Дека состојбата навистина е таква ни потврди еден од обезбедувачите во едно од казината. Тој рече дека речиси нема ден тој физички да не се пресметува со играчите на среќа што се коцкаат во казината.
– Иако јас заработувам леб од обезбедувањето на коцкарницата, сепак навистина некогаш ми е жал кога гледам некои млади деца како ги губат парите што едвај ги добиле од своите родители. Но за тоа самите се виновни, бидејќи сакаат набрзина да се збогатат – вели обезбедувачот.
Иако по бројот на обложувачниците и коцкарниците Битола не е никаква реткост во државата, сепак битолчани со право реагираат што тие се отвораат во строгиот центар на градот, па дури и во непосредна близина на основните училишта, како во случајов.