Една година по збратимувањето по електронски пат на општина Битола и градот Цетиње од Црна Гора, денеска двајцата градоначалници на Битола и Цетиње, Наташа Петровска и Александар Кашќелан се сретнаа во Битола.
На средбата присуствуваа амбасадорката на Црна Гора во земјава, Марија Петровиќ, и почесниот конзул на Црна Гора во Битола, Мики Андријашевиќ.
– Ми претставува вистинско задоволство што денеска го имаме како гостин првиот човек на престолнината Цетиње, Александар Кашќелан. Минатата година на празникот на Битола, 4 Номеври, успевме да се збратимиме. Денес ја имаме таа привилегија да тоа да го доофицијализираме. Разговараве за се она што двете локални самоуправи можат да го направат за своите граѓани, во делот на културата, образованието и туризмот, но и во делот на сето она што значи душата на двата града. Зборувавме, не само за областите каде може да соработуваме, туку и каде сето тоа можеме да го операционализираме со конкретни активности и конкретни чекори, за да навистина, како што како што кажа почитуваниот мој колега, да не остане тоа само на парче хартија, туку на нешто што ќе даде реални можности. Зборувавме меѓу другото за размена на ученици, за можноста црногорските деца да се најдат во друштво со останатите деца кои престојуваат во нашиот град во рамките на манифестацијата Мал битолски Монмартр – рече градоначалничката Наташа Петровска.
– Со Битола не поврзува не само збратимувањето, туку и силни историски и културни врски, бројни пријателства и семејни односи. Не поврзува и заедничката европска перспектива, но и сите политички цели, кои се засновани на меѓусебно почитување, доверба и определба да ги градиме нашите градови и држави како заедници на граѓаните. Со почитуваната градоначалничка Петровска, се сретнавме на една работна средба во Скопје, пред неполни две години и брзо се договоривме врската меѓу двата града да ја подигнеме на повисоко ниво. Во тоа имавме поддршка од амбасадата на Црна Гора и Северна Македонија. Меморандумот за збратимување го потпишавме на 4 ноември минатата година, кога ветивме дека нема да остане мртво слово на хартија. Денешната средба е потврда дека ветувањето го исполнивме и со нов ентузијазам ја продолжуваме соработката. Заинтересирани сме за соработка во туризмот, затоа што двата града имаат исклучителен туристички потенцијал, посебно ако се има предвид дека историски гледано претставувале важни духовни, општествено политички и културни центри на нашите држави, но и на дипломатскиот живот. Со градоначалничката Петровска разговаравме за можноста за соработка и заедничко аплицирање на проекти за средства кои од претпристапните инструменти ги обезбедува ЕУ – изјави градоначалникот на престолнината Цетиње, Александар Кашќелан.
М.М.