Општината Велес е во постапка за избирање најповолен изведувач за армирано бетонски коловоз на дел од улицата Богдан Прличков, над населбата Којник, како и за изградба на фекална канализација за собирање и одведување фекални отпадни води од комплексот „Вел сити“ до поранешниот салон на „Симпо“. Исто така, почнати се градежните работи на поголемиот дел од објектите што се дел од проектот „Смарт езеро Младост – прва иновативна туристичка атракција во Македонија“. Исто така, во тек е постапка за избор на економски оператор за реконструкција на градскиот стадион.
– Се работи на пешачка патека со 23 паркинг-места и столбови за осветлување, на велосипедска патека во должина од 7,20 километри, се поставува рекламен билборд и се прави пристапен пат до винарницата „Шато Сопот“. Исто така се работи на уредување на туристичко биро во центарот на градот, на уредување на крајбрежниот појас на езерото во должина од околу 600 метри, се изработува киоск за сувенири и се работи на поставување шест клупи од рециклирани дрва. Се реализира проект за сигнализација, набљудувачница за птици и пристапен пат до екокампот, во должина од 170 метри. Поради несаканиот пожар што се случи на езерото, потребно беше да се изврши расчистување на локацијата од опожарените дрва, за да се воведат изведувачите во работа на екокампот и Паркот на авантури – информираат од општината Велес.
Во тек е реализација на проектот за реконструкција на водоводни и канализациски линии, при што ќе се изврши замена на старите на улиците Петар Делјан, 8 Септември, Богдан Каракостев, 8 Март, Костурска, Даме Груев и улицата Орце Мартинов. Реконструкција ќе се изврши на канализациите на улиците Страшо Пинџур, Никола Оровчанов и Илинденска, потоа на дел од улицата Јовче Чучук и на дел од улицата Орце Шутев. Инвестициската вредност на овој проект изнесува над 44 милиони денари.