Општината Пехчево се најде на листата од 35 општини што добија готова проектна документација за реконструкција на улици и патишта. Во рамките на проектот за подобрување на општинските услуги (МСИП), преку Министерството за финансии, а со поддршка на Светска банка, ќе се реконструираат улици во должина од три километри во градот Пехчево.
Градоначалникот на општината Пехчево, Драган Тренчовски, истакна дека е потпишан договор за готова проектна документација на проект за реконструкција и рехабилитација на улици во должина од три километри, а со реализацијата на овој вид проекти се подобруваат општинските услуги што им се нудат на граѓаните, а со тоа се обезбедуваат подобри услови за живот во општината Пехчево.
– Општината Пехчево преку Министерството за финансии, а со поддршка на Светска банка, доби финансиски средства за проектна документација за реконструкција и рехабилитација на улици во должина од три километри во градот Пехчево.
Реконструкцијата на тие улици е од исклучително значење за сите граѓани, а ќе добиеме подобри општински услуги што ќе ги подобрат условите за живот во нашата општина – истакнува Тренчовски.
Инаку, Пехчево, Берово и Виница се првите општини од регионот што потпишаа договори во Министерството за финансии за грантови од Светска банка.
Во рамките на проектот за подобрување на општинските услуги (МСИП), кој со Светска банка се реализира преку посебна проектна единица на Министерството за финансии, обезбеден е грант од 1,1 милион евра, како техничка помош за вкупно 35 општини, меѓу кои и општината Пехчево.