Повеќе од 12 хектари борова шума изгореа во атарот на кочанското село Пресека, на падините на Осоговските Планини.
Пожарот што избувнал синоќа се уште не е изгаснат, а противпожарните екипи се соочуваат со силен ветер и тешко пристапен планински терен.
– Во гаснењето се ангажирани две наши одделенија со десет пожарникари и три возила, а ни помагаат и вработени од шумското стопанство „Осогово“. Огнот брзо се шири поради сувата вегетација и главна цел ни е да го спречиме проширувањето на буковата шума, поради што интервенираме повеќе од 12 часа. Поголем дел од пожарот веќе е локализиран и ставен под контрола – истакна Благој Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица од Кочани.
Според Паунов, се работи за подметнат пожар поради кој е предизвикана огромна материјална штета, а за што се известени и надлежните инспекторски и истражни органи.