Градската депонија на Велес денеска цел ден гореше, а бел опасен чад се ширеше кон градот. Пожарот со вода го гаснеа екипи на Противпожарната единица и ЈКП „Дервен“ кое стопанисува со депонијата кои со булдужери затрупуваа со земја.
Како што информираат од ЈКП „Дервен“ пожарот попладнево е веќе локализиран, но самото гаснење е отежнато поради составот на запалената маса.
Според соопштението од ЈКП „Дервен“ причината за пожарот се високите температури и депонискиот гас што го испушта отпадот.
Општинскиот инспектор за животна средина Билјана Шуркова Манаскова во изјавата за медиумите потенцира дека причините за пожарот како и во изминатите лета на градската депонија се високите температури и депонискиот гас, но не го исклучува и невниманието од човечкиот фактор.
– Велес има најзагаден воздух кога гори депонијата. Кога гори отпад во амбиенталниот воздух се ослободуваат најтоксичните материи – дуксини и фурани кои што имаат и канцерогени својства. Затоа како општина се трудиме кога ќе имаме ваква несакана појава и правиме напори што побрзо да го локализираме пожарот – појасни Шуркова Манаскова.
Воедно најави санирање на состојбите и преземање на мерки за да не дојде до повторно опожарување на депонијата.
Градската депонија во Велес гори секое лето, а решението е изградба на регионална депонија каде ќе има селектирање на отпадот. Локалните власт апелираат за изградба на стандардна регионална депонија кај Росаман која би чинела 20 милиони евра, а која засега е само во техничка документација.
Со нејзина изградба и селектирање на отпадот ќе се спречат пожарите на велешката депонија, а ќе се заштити и здравјето на граѓаните на Велес од токсичните материи, посочуваат од општинскиот инспекторат за заштита на животната средина.