Голема површина трска е зафатена во пожар кој дивее во близина на преспанското село Асамати. Екипи на Територијалната противпожарна единица од Ресен, Дирекцијата за заштита и спасување и други релевантни институции го обезбедуваат теренот, но поради непристапноста не можат да интервенираат.
Командирот на ТППЕ Ристе Илиевски во изјава за МИА потврди дека се работи за површина од над пет-шест хектари трска, но поради блатото не можат да се приближат да гасат.
Ресенската пожарна вечерва го локализира и пожарот кај местото викано Макази, на патниот правец Битола – Ресен поради кој во прекин беше сообраќајот од 17 до 19 часот.
– На терен интервениравме со четири возила. Опожарено е земјоделско земјиште, бавчи и овоштарници – информира Илиевски.
Поради зачестените пожари во Преспанскиот регион вечерва имаше состанок Општинскиот координативен штаб на кој, како што информира градоначалникот Живко Гошаревски била разгледана актуелната состојба и ставање во функција на сите материјално-технички и оперативни ресурси во општината.
Од состанокот произлегле и конкретни мерки, насоки и активности за превентивно делување на терен со цел спречување нови пожари.
– Општина Ресен уште еднаш апелира до граѓаните да не палат оган на отворен простор. Поради опасноста од пожари, посебно се предупредува да не се палат стрништа или оган на отворен простор на необезбедени места, меѓи и други површини, да не се врши палење отпад и друг запалив материјал, да не се фрлаат остатоци од цигари на отворен простор – истакна Гошаревски.
Доколку граѓаните забележат пожар веднаш да ја известат противпожарната служба на 193 или да се јават во Полициската станица Ресен на 192, односно Центарот за управување со кризи 195.