Во очи на големиот верски празник Рождество Христово, Божиќ, во центарот на Кичево денес беше поставена Божиќна пештера со големи димензии, која за првпат годинава ќе го краси средиштето на градот. Божиќната пештера е вистинска репродукција на Витлеемската пештера каде што се родил синот Божји. Пештерата ја изработија претставничките на монашкото сестринство од манастирот „Пресвета Богородица – Кичевска“.
– За уште повеќе да го доловиме доаѓањето на големиот празник, Рождество на Исус Христос, ја изработивме Божиќната пештера, која според својата форма и големина е вистинска репродукција на Витлеемската пештера. За изработката на пештерата иницијатива покрена Архимандритот Партениј а ја создадовне ние претставничките на монашкото сестринство од манастирот „Света Пречиста Богородица Кичевска“. За изработка на оваа пештера беа потребни околу три недели и денес со гордост ја претставивме нашата изработка, која ќе го краси центарот на градот во наредните шест дена – истакнаа претставничките од монашкото сестринство од „Света Пречиста Кичевска“.
Од сестринство ги истакнаа и заложбите на Градоначалникот на Општина Кичево, Фатмир Дехари, во организирање на овој настан и кој овозможи поставување на реплика на Божиќната пештера во центарот на градот и кој има крајно одговорен однос кон сите граѓани независност од верската припадност.
Инаку и годинава во Кичево ќе биде организирана Бадникова поворка, која од година во година има се повеќе поклоници кај верниците од православната вероисповед.
– Интересот за учество во Бадниковата поворка кај децата во нашиот град од година во година е се поголем. Така годинава над 200 дечиња ги посетуваат часовите во верскиот храм „Свети Петар и Павле“, каде ја учат песната Вечниот Бог и истите тие ќе бидат дел од Бадниковата поворка. Годинешната Бадникова поворка ќе има променета и подолга маршрута, ќе тргне од црковниот храм а своето патешествие ќе го заврши на градскиот плоштад пред Божиќната пештера и новогодишната елка, каде дечињата учесници во Бадниковата поворка ќе добијат и пакетчиња – рече Бошко Сарафилоски, активно вклучен во организацијата на оваа поворка и дел од црковниот одбор.