Голема акција за чистење на дивите депонии се реализира денес во Прилеп, за да се стави крај на одлагање на отпад во нив, да се подобри визуелниот изглед на околината на градот и да се заштити и зачува природната убавина.
Акцијата ја организира Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ во соработка со ЈКП „Водовод и канализација“ и со голема помош на градежните фирми и нивната градежна оператива.


Големиот број градежни машини чистеа и товараа огромни количини градежен шут, комунален отпад, отпадни гуми, отпад од домаќинствата додека транспортните возила ги транспортираа до депонијата во Алинци.

– Со оглед на краткото време за работа пред највените врнежи на дожд и снег, ја прифативме идејата на градоначалникот Борче Јовчески да организираме и реализираме една ваква голема акција. Во рамките на нашите можности и наредниов период приоритет ќе ни бидат дивите депонии кои не се исчистени подолго време – изјави Рубинчо Абрашоски, в.д. директор на „Комуналец“ .
Тој апелираше до граѓаните да не фрлаат смет насекаде.
Ка.М.