Примарната гасификација во пелагонискиот регион, поточно на делот Прилеп – Битола, треба да биде завршена до крајот на годинава и, според проектот на Владата, во 2021 г. треба да се направи секундарната гасификациска мрежа, најавуваат од општината Прилеп.
– Општината Прилеп е во фаза на проектот за секундарната инфраструктура во должина од 20 километри. Проектот за инфраструктура е изработен, а во тек е постапката за основен проект за инфраструктурата за планираните 20 километри. Треба и да се објави тендерот за да се избере фирмата што ќе го работи проектот, кој треба да биде готов до крајот на април. Сѐ уште има дилема дали секундарната мрежа за гасификацијата низ градовите ќе ја работат општините посебно или, пак, тоа ќе го прави државата. Побаравме одговор дали во буџетот за годинава да планираме средства за таа намена и од државата ни беше одговорено дека, најверојатно, тие ќе го прават тој дел. Се надеваме дека до крајот на годината ќе се избере изведувач за секундарната гасификациска мрежа низ градовите и дека во 2021 година ќе започне изведбата на мрежата – посочува Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.